Металург не се прослави во Велење, каде го одигра натпреварот од 15. коло на СЕХА-лигата. Иако навестуваа дека ќе се обидат да му се реваншираат на тимот на Горење за поразот во Скопје, нашите ракометари со својата игра го сторија токму спротивното – му дозволија лесна и убедлива победа на домашниот состав.

Металург го одигра сигурно најлошото прво полувреме во тековната сезона во кое беше надигран, наттрчан, и без шанса да стори било што повеќе. Во тоа прво полувреме Горење постигна 21 гол, реализираше 11 контранапади и го заврши со предност од 8 гола, 21:13. Металург играше очајно во одбраната, додека во нападот најчесто се обидуваше да заврши со индивидуални акции, често упатувајќи брзоплети удари од неизградени позиции. Всушност, рамноправна игра видовме само во првите пет минути, за потоа на теренот да постои само тимот на Горење.

Во ист стил се одиграа и првите десет минути од вториот дел, па предноста на домашниот состав се искачи на 11 гола разлика, 28:17. Металург одигра коректно само девет минути, од 45. до 54., кога успеа да направи серија од дури 6:0 и да ја намали предноста на противникот на само пет гола, 30:25. Но, кога се очекуваше Металург да го искористи моментот и посериозно да ја нападне предноста на Горење, се случи токму обратното – нашиот тим повторно заигра како во првото полувреме и во следните шест минути прими седум гола, а не постигна ниту еден, па средбата заврши со денеска највисоки -12, 37:25.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/02/2018 22:59