Македонија не знае колку кучиња скитници има, ниту располага со точна бројка на миленици. Општините, во чија надлежност се уличните кучиња, допрва ќе учат како да ги пребројуваат и допрва ќе формираат прифатилишта или ќе склучуваат договори со шинтерски служби.

Како што најави в.д. директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Зоран Атанасов на денешниот брифинг со новинарите, почнуваат интензивни активности за решавање на овие два проблема, регистрирање на кучињата скитници, но и целосно идентификување на милениците со микрочипови. Со ова се очекува да се стави ред, особено во руралните средини.

-Од 12 до 16 март во соработка со Британското кралско здружение за заштита на животните од суровост, ќе се спроведе пребројување на бездомните кучиња во Општина Центар. Идејата е, локалните самоуправи да научат како да ги пребројуваат уличните кучиња и потоа, таквиот процес да го спроведуваат во нивни рамки, рече Атанасов.

За миленичињата, пак, ќе се набават 100.000 микрочипови во вредност од 18 милиони денари, обезбедени од АХВ. Микрочипирањето ќе биде бесплатно за сопствениците на кучињата (и мачките), но ќе мора да се спроведе, односно тие ќе треба да ги сносат само трошоците за вакцина против беснило и пасош, што изнесуваат околу 800 денари. Во спротивно следуваат казни, од 100 до 150 евра за физичко лице, односно за сопственикот кој не го идентификувал својот миленик со микрочип.

– Тендерот за набавка на микрочипови е распишан, постапката тече. Практично, државата ќе инвестира, но и ќе бара Законот да се почитува, напомена директорот, додавајќи дека микрочипирањето се очекува да почне во мај – јуни годинава.

Според последните податоци на АХВ, околу 4.000 миленици засега имаат микрочипови, но тоа не значи и дека толку миленици има зашто голем број од сопствениците не ги идентификуваат со образложение дека им е скапо. Во однос на бездомните кучиња, пак, слободната проценка е, како што рече Атанасов, дека само во Скопје има околу 6.000, но оваа бројка е утврдена врз основа на досега заловени и обележани кучиња што, повторно, не значи дека нема повеќе.

На новинарско прашање, Атанасов одговори дека ротфајлерот кој во декември 2017 година искаса луѓе во Аеродром, е кастриран, ресоцијализиран и пратен во Италија по барање за вдомување.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/02/2018 16:44