Расправата во грчкиот Парламент, по пратеничко прашање за Албанија од Дора Бакојани до Никос Коѕијас, се претвори во меѓусебни обвинувања за тајна дипломатија, како во другите отворени прашања во грчката надворешна политика, така и во однос на спорот за името.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, поранешната министерка за надворешни работи на Грција го обвини Коѕијас за тајни договори и недостиг на информации, додека пак, актуелниот шеф на грчката дипломатија и одговори на Бакојани дека во минатото разузнавачот Никос Грилакис „преговарал тајно за македонското прашање“.

– Постоеја преговори за Скопје со поранешен агент од Националната разузнавачка служба. Ние такви работи не правиме – и рече Коѕијас на поранешната шефица на грчката дипломатија, а сега пратеничка од опозициската Нова демократија.

Дора Бакојани, го потсети Коѕијас на периодот кога таа била министер за надворешни работи и уште еднаш побара владата да ги извести партиите за текот на преговорите.

– Кога јас го брифирав Ципрас за текот на преговорите за скопското прашање, Вие тогаш не знам дали бевте во СИРИЗА или во ПАСОК, но како и да е, ако го прашате господинот премиер, ќе Ви каже дека преговорите што ги водевме тогаш му беа добро познати, им беа познати на сите партии од опозицијата. Ве повикувам, господине Коѕијас и вие да го сторите истото. Целосно да ја известите опозицијата – рече Бакојани и додаде дека со овие теми не управува една партија.

Коѕијас одговори дека опозициската Нова демократија и другите партии се детално информирана за текот на преговорите.

– За скопското прашање, како партија бевте детално известени од самиот претседател на владата, од господинот Алексис Ципрас, исто беше и со сите други партии – рече шефот на грчката дипломатија.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/03/2018 20:51