Дирекцијата за заштита и спасување денеска ќе ја одржи завршната показна вежба во рамки на обуката и тренинг вежбата за спасување на планина „Попова Шапка 2018“.

Вежбата, која започна во петокот, е организирана согласно Планот за обуки за 2018 година, а се одржува во одмаралиштето на ЕЛЕМ на Попова Шапка.

– Цел и тема на обуката и тренинг-вежбата за спасување на планина ќе бидат: запознавање со основите на техника на движење во зимски услови, тактики за спасување од лавини, за потрага и спасување на лица загрозени од лавини, организирање потрага на тимови за спасување со асистенција на куче и дрон и утврдување процедури при употреба на тимовите за брз одговор, како и градење оперативно содесјство меѓу нив.

Дел од темите на обуката се и проверка на обученоста, увежбаноста и на ефикасноста за употреба на опремата и расположливите материјални средства во овие услови и координација и оперативно содејство на Дирекцијата за заштита и спасување и други структури (АРМ, МВР, Црвениот крст на Македонија, Здружение на граѓани, население и резервен состав), информираат од ДЗС.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/03/2018 23:50