Поранешниот бугарски премиер Симеон Сакскобурготски денеска изјави дека е нормално Бугарската православна црква и Македонската православна црква – Охридска архиепископија да имаат заедничко сослужение.
Поранешниот бугарски премиер за БГНЕС овој свој став го искажа веднаш по заедничката богослужба што во храмот „Свети Александар Невски“ во Софија ја отслужија бугарскиот патријарх Неофит и рускиот патријарх Кирил, по повод 140-годишнината од ослободувањето на Бугарија од турското ропство.
Неговиот повик доаѓа само неколку дена откако македонскиот премиер Зоран Заев официјално го поддржа сослужението меѓу двете цркви.
– Се надевам дека многу брзо ќе има заедничка литургија меѓу бугарската и македонската црква – во Бугарија или во Македонија. Во рамки на Договорот за добрососедство меѓу Република Македонија и Република Бугарија ние се договоривме дека ќе ги поддржиме сите дејствија што ќе придонесат кон продлабочување на соработката. Јас се надевам набрзо да имаме заедничка литургија во нашата држава или во Бугарија, рече Заев минатата недела.
Повикот за заедничка литургија меѓу двете држави доаѓа и само десетина дена по канонската посета на бугарскиот претседател Румен Радев во Бигорскиот манастир. Радев и бугарските митрополити Николај и Кипријан влегоа во Светата Обител пречекани со биење на камбани и огромно мноштво народ. Во таа пригода бугарскиот претседател високо ја оцени улогата на Бигорскиот манастир во минатото и сегашноста. Пред тоа, во храмот „Свети Спас“ во Скопје, пред гробот на Гоце Делчев, митрополитот Николај отслужи молебен во присуство на македонски свештеници.