Втората половина на март шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас треба да пристигне во посета на Скопје на средба со министерот за надворешни работи Никола Димитров, а нова рунда за преговарчкиот процес под раководство на медијаторот Метју Нимиц се очекува да биде закажана на крајот на март или почетокот на април, најави премиерот Зоран Заев.

– Имаме најава дека Коѕијас ќе долета третата или четвртата недела од март, и со негово доаѓање на аеродромот Скопје ќе може да направат обиди за приближување на ставовите, а преговарачкиот процес ќе продолжи под раководство на медијаторот Нимиц, рече Заев по синоќешната средба со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Премиерот Заев очекува Коѕијас во Скопје да ја презентира грчката нацрт-верзија за решавање на спорот за името.

– Ја очекуваме првата драфт верзија да дојде со министерот Коѕијас, така е договорено. Нека дојде, имаме право на свои коментари или било што. Ова може да помогне, но може и воопшто да не се разгледува, може да не биде и предмет на разговорите. Сепак, не е на одмет секој развој на идеи кои би се случиле, а би биле од помош да бидат разгледувани од која било страна ако дојдат на маса, рече Заев.

Тој посочи дека го информирал претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски за детали во делот на разговорите со Грција и за намерите како да течат преговарачките процести, но и оти двете страни остануваат на своите позиции.

– Секако тие остануваат на нивните познати ставови. Ние сме исто така на нашите познати ставови. Остануваме оптимисти дека може да се најде решение за овој горлив проблем, што постои повеќе од 25 години, но притоа секако тоа мора да биде со зачувување на достоинството, идентитетот на двете страни во разговорите за името. Секако продолжуваме и понатаму меѓусебно да се информираме. Се надевам дека по ова прашање ќе можеме да изградиме национален консензус, рече премиерот Зоран Заев.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, како што потврди нејзиниот лидер, остануваат на нејзините познати позиции за прашањето за името.

– Можам да констатирам дека нема поместување од презентираното на лидерската средба. Јас го повторив нашиот конзистентен став дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Уставот, со цел промена на уставното име, а за идентитетските прашања како што се јазикот и нацијата не треба да се разговара, рече Мицкоски по средбата со Заев.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/03/2018 12:05