Металург извојува значајна победа во мечот со екипата на Мешков Брест. Силниот противник, кој во Скопје допатува со комбиниран состав, го совладавме со резултат 37:33 (17:17).

Видовме борбен натпревар на кој се истакнаа нападите на двете екипи, за разлика од нивните одбрани, кои не беа доволно концентрирани, па средбата заврши со 70 постигнати голови.

Металург добро ја почна средбата и во првите десетина минути имавме постојано водство од еден до два гола. Но, од 12. минута иницијативата постепено мина на страната на гостинската екипа, која ја искористи кризата на Металург, особено во одбранбената зона, и наскоро создаде највисока разлика од три гола, 9:12, 10:13 и 11:14. Сепак, младите металурзи најдоа сили и до крајот на првото полувреме ја анулираа противничката предност, па на одмор екипите заминаа при резултат 17:17.

Само во првите неколку минути од вториот дел Мешков имаше минимално водство, а потоа Металург конечно заигра според барањата на тренерот Јовиќ и постепено се одвои и со играта и со резултатот. Се беше решено во 51. минута, кога Металург првпат поведе со 4 гола разлика, 32:28, а веќе во 56. минута ги имавме и максималните +6, 36:30. Средбата заврши со резултат 37:33.

Ова беше натпревар од 16. коло на СЕХА-лигата, а до крајот на регуларниот дел ни преостануваат уште средбите со Татран Прешов (14 март) и против Цеље ПЛ (18 март). Првата ја играме на гостински терен, а втората дома.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/03/2018 21:39