Главниот македонски адут во деценискиот спор со името – меѓународната пресуда во корист на Македонија и прекршувањето на Времената спогодба од 1995, сега трн во око за Грција. Потпретседателот на Европскиот парламент и шеф на еврогрупата на СИРИЗА, Димитрис Пападимуилис, сега бара токму Спогодбата која ја прекрши Грција да заврши и одново да се направи нов меѓународен договор со надуставна сила, со комплетни и обезбедени меѓународни гаранции.

- Најдобриот начин е со меѓународен договор со надуставна сила. Прво, сложено име, заемно прифатливо, ерга омнес, за сите употреби и второ, конечно напуштање на секаков вид на иредентизам. А иредентизмот да се замени со спогодба за пријателство и соработка меѓу двете земји, втемелена во стабилноста и неоспорувањето на постоечките граници, објасни Пападимулис.

Токму со времената спогодба Грција се обврзала дека ништо во Уставот, а особено во Преамбулата и во Членот 3 од Уставот не може, ниту треба да биде толкувано, ниту кога било ќе биде толкувано како основа за какво било побарување од Втората страна на каква било територија која не е во нивните постоечки граници. Јужниот сосед дал „амин“ и дека ништо од членот 49 кој сега им е спорен и иредентистички, нема да биде толкуван како основа за мешање во внатрешните работи на другата држава.

Со Времената спогодба која беше потпишана тогашната влада ја прифати референцата ПЈРМ, откажувајќи се од користењето на македонскиот симбол сонцето од Кутлеш. И тогаш Грција се обврза дека нема да го блокира членството на Македонија во меѓународните организации под Времената референца пјР Македонија, обврска која со години грубо ја крши и покрај пресудата од судот во Хаг, според која грчкото вето за членството на Македонија во НАТО е нелегално и треба да престане.

Вчера и грчкиот гласноговорник Ѕанакопулос, ги повтори бетонираните грчки ставови дека прво треба да се прави ревизија на Уставот, а потоа да важи условот ерга омнес. Сите, според нив, иредентистички толкувања на Уставот ќе се разговарале на техничко ниво.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/03/2018 22:15