Идејата за отворање на грчкиот Устав, која ја изнесе премиерот Зоран Заев ја разбранува грчката јавност, предизвика негативни коментари, но ја отвори и опцијата за постигнување меѓународен надуставен договор.

– Идентитетот е чувство и за него не можете да преговарате, да се ценкате. Јас верувам дека во тој дух, водејќи се внимателно кон партнерите со кои преговараме ќе изнајдеме решение, а истовремено да се отвори и Уставот на Грција и да видиме како тие водат грижа за Грците надвор од Грција. Јас сум подготвен, како тие водат грижа за Грците надвор од Грција, така и ние да водиме грижа за Македонците надвор од Македонија, соодветно исто, рече Заев.

Според потпретседателот на Европскиот парламент и шеф на еврогрупата на СИРИЗА, Димитрис Пападимуилис најдобриот начин за да се постигне решение за македонското прашање е да се стави крај Времената спогодба од 1995 со меѓународен договор со надуставна сила.

Како пример го наведе Лозанскиот договор. – Најдобриот начин е со меѓународен договор со надуставна сила, со комплетни и обезбедени меѓународни гаранции како што е Лозанскиот договор (што не може никој да го смени) и ќе треба да се обезбедат две големи национални барања. Прво, сложено име, заемно прифатливо, ерга омнес, за сите употреби и второ, конечно напуштање на секаков вид на иредентизам. А иредентизмот да се замени со спогодба за пријателство и соработка меѓу двете земји, втемелена во стабилноста и неоспорувањето на постоечките граници, спогодба што ќе биде „заклучена во меѓународен договор, што ќе има гаранции и потпис од Европската унија, ОН, објасни Пападимулис.

Во однос на разговорите за името, Пападимулис смета дека треба да има повеќе преговори, а помалку интервјуа.

Грчките медиуми, пак како провокација ја оценија изјавата на Заев. „Провокација од Заев: И Грција да го отвори нејзиниот Устав“; „Заев: Промената на Уставот не е решение, го решивме иредентизмот“; „Провоцира Заев: Ненадејно поставува прашање за споредба на грчкиот со скопскиот Устав“; „Предлог од Заев за меѓународен договор наместо промена на Уставот на ПЈРМ- отвора прашање и за грчкиот Устав“; „Заев: Да го отвориме и Уставот на Грција“, се само дел од насловите во грчките медиуми.

Со став вчера излезе и Комунистичката партија на Грција (ККЕ). Партијата бара промена на Уставот сега, а не во далечна иднина, отстранување на иредентизмот и сложено име со географска одредница, ерга омнес.

Во однос на евентуален договор меѓу двете земји, ККЕ, во грчкиот Парламент нема да даде зелено светло.

– Комунистичката партија на Грција, нема шанси во Парламентот да гласа за никаков договор со Скопје, меѓу Ципрас и Заев, бидејќи овој договор ќе биде за поранешната југословенска Република Македонија во јули да се интегрира во НАТО, бидејќи овој договор ќе го има печатот на НАТО и на Европската унија. Затоа што овој договор нема да стави крај на иредентистичката пропаганда, на заемното признавање за неповредливоста на границите, на територијалниот интегритет и суверенитет на двете земји, на неопходните промени во Уставот на соседната земја, порача генералниот секретар на ККЕ.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/03/2018 15:55