Дуелот во Нови Сад не донесе ништо на табелата во СЕХА лигата по триумфот на Вардар од 36-32 (17-13). „Црвено-црните" останаа на првото место, а Војводина е „фенерџија" на едно коло до крај на регуларниот дел од сезоната

За Вардар ова е 16. триумф сезонава во СЕХА лигата и нашиот тим има 49 бода, и останува тим со најдобра одбрана и најдобар напад. Вардарци досега во лигата имаат постигнато 536 гола, а примено само 420. Ние сме единствено досега што постигнуваме над 500 гола во сезоната.

Во Србија нашиот тим замина без Штербик, Мораеш и Чупиќ. Од почеток до крај „црвено-црните" беа во водство одржувајќи предност од неколку голови без притоа да има било каква шанса домашните ракометари да се приближат или да направат пресврт. Неколку пати само Војводина дојде на негатива од еден гол, последне пат во 36 минута (18-19) по што Вардар пак „уфрли во повисока брзина" и сѐ си дојде на свое место.

Единствено дефанзивецот Илија Абутовиќ немаше упатено удар на голот на домашните, а најчесто нападите завршуваа со погодок, особено во вториот дел.

Во последниот натпревар од регуларниот дел од сезоната во СЕХА лигата на 13 март во Скопје гостува тимот на Нексе. Потоа следува пауза до средината на април кога во нашата сала во СЦ „Јане Сандански" се игра Ф4 турнирот.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/03/2018 00:36