Раул Гонзалез, стратегот на Вардар, по натпреварот против Војводина и новата СЕХА-победа беше задоволен од прикажаното. Шпанецот истакна дека целиот негов тим добил шанса да игра и му е навистина драго што ја оправдале истата и играле дуел во високо темпо и многу постигнати голови.

-Војводина одигра добар натпревар, во некои моменти дури и одличен. Им дадов шанса на сите ракометари на овој меч и задоволен сум од начинот на кој играа и го држеа темпото на игра на високо ниво, со многу голови. Важно е да го држиме овој висок ритам и полека да се подготвиме за Ф4-турнирот во СЕХА, а исто и нокаут-фазата во ЛШ, истакна Гонзалез.

Краток беше и Мијајло Марсениќ, кој имаше пофалби за противникот.

-Најпрво, би сакал да му честитам на младиот голман Јандриќ за одличното прво полувреме. Има многу добри млади играчи во Војводина. За нас најважно е што победивме и што минавме без повреди. Сега се фокусираме на завршницата во СЕХА како и Лигата на шампионите“, истакна српскиот репрезентативец.

Вардар во наредното коло од СЕХА кое е последно во регуларниот дел ќе биде домаќин на Нексе (13 март).



Автор: Администратор
Објавено на: 12/03/2018 00:37