Регуларниот дел од СЕХА Газпром лигата за Вардар завршува со последниот меч против Нексе (17,45 ч. СЦ „Јане Сандански"). Црвено-црните се први на табелата и одамна имаат обезбедено место на Ф4 турнирот што ќе се одржи во Скопје од 13 до 15 април.

Пред Вардар сега е нов предизвик, со победа против хрватскиот вицепрвак ќе биде тим што успеал да ја заврши сезоната со најмногу бодови досега во историјата на СЕХА лигата и со најмногу победи. Досегашниот рекорд го имаше Веспрем, со 16 победи и две ремија.

Нашиот тим досега има одиграно 17 натпревари и 16 победи и едно реми. „Црвено-црните" се лидери со 49 бода, а Нексе е на 8. место на табелата со 9 бода.

Раул Гонзалес - тренер на Вардар

Имаме мотивација да ја завршиме сезоната со победа. Фаворити сме, но мора тоа да го потврдиме на терен. Нексе е квалитетна екипа која во минатото знаела да ги изненади фаворити. Ние во пресрет на овој меч мора да ја поправиме одбраната, која во последниот период не е на очекуваното ниво.

Мартин Поповски - играч на Вардар

Малку сме изморени од последните две гостувања во Србија, но тоа мора да го пребродиме. Имаме голем мотив за да завршиме без пораз на крајот од групната фаза што е секако голем успех за нас во оваа СЕХА-лига. После дуелот против Нексе ни претстои мал одмор, а потоа сите мисли ќе ги насочиме кон завршниот турнир од СЕХА во Скопје. Примарна цел ни е да ја одбраниме титулата на Ф4 турнирот на кој сме домаќини.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/03/2018 00:19