Денес и утре ќе се одиграат последните натпревари од осминафиналето на Лигата на шампионите, а вечерва на програмата се реваншите во Манчестер и во Рим.
Манчестер јунајтед ја дочекува Севилја, додека Рома ќе биде домаќин на украинскиот Шахтар.
Екипата на Жозе Мурињо полна со самодоверба, поради победата во дербито против Ливерпул со 2-1, ја чека опасната Севилја, која во првиот натпревар во Андалузија пред две седмици го надигра Јунајтед, но натпреварот заврши без голови.
Тогаш се повреди Пол Погба, најскапиот фудбалер на Јунајтед (105 милиони евра), и речиси сигурно ќе го пропушти овој натпревар.
Поради тоа, улогата на водач во редот за врска ќе ја преземе српскиот репрезентативец Немања Матиќ, кој изјави дека реваншот со Севилја веројатно е најважниот натпревар оваа сезона.
„Остваривме важна победа против Ливерпул, самодовербата е на високо ниво и само мораме да продолжиме во тој ритам. Следниот натпревар можеби е и најважниот во сезоната, мораме да ја победиме Севилја“, изјави Матиќ пред дуелот.
За разлика од Јунајтед, Севилја минатиот викенд изгуби во домашната Примера лига, Валенсија славеше со 2-0, но таквиот резултат не го загрижува тренерот Винченцо Монтела.
„Веќе го архивиравме поразот и сме свртени кон Манчестер јунајтед. Дуелот на ’Олд Трафорд’ може да биде историски за нас ако влеземе во четврт-финалето“, изјави Монтела, чија Севилја во четврт-финалето има играно само еднаш, и тоа далечната 1958 година.
Адут на „црвените ѓаволи“ е и фактот дека Мурињо победил во седум од осумте натпревари против Севилја додека беше во Реал Мадрид, а со Јунајтед веќе се лизна на првото скалило. Дали ќе се лизне и на второто, останува да се види.
Другиот натпревар, исто така, носи неизвесност на „Олимпико“, каде што Шахтар ќе го брани резултатот 2-1 од Украина.
На Рома ќе ѝ биде доволен само гол, но да нема примено, за да се најде меѓу осумте најдобри во Европа по осум години.
Покрај фактот дека ќе се сретне со квалитетниот „бразилски“ Шахтар, римскиот клуб ќе игра и против традицијата поради петте порази во низа во нокаут-фазата на елитното натпреварување.
Главно оружје на Рома ќе ѝ биде првиот стрелец Един Џеко, а еден од адутите е и српскиот репрезентативец Александар Коларов.
Реванш-натпреварите на „Олд Трафорд“ и на „Олимпико“ се играат вечерва, со почеток во 20.45 часот.