Важен соработник на американскиот претседател Доналд Трамп бил разрешен од должноста, поради тоа што против него се води истрага од страна на Министерството за внатрешна безбедност на САД за „тешки финансиски престапи“.

Повикувајќи се на три добро информирани извори, Си-Ен-Ен јави дека во понеделникот соработникот и личен асистент на Трамп, Џон Мекенти бил отпуштен од Белата куќа, иако не е јасно за што точно е обвинет. Неговото заминување од должноста падна во сенка на разрешувањето на државниот секретар Рекс Тилерсон, на чие место беше поставен директорот на ЦИА Мајк Помпео.

Макенти, кој беше во предизборниот тим на Трамп во 2016 година и му беше личен соработник во Белата куќа, веднаш беше ангажиран за кампањата за следните претседателски избори. Откако беше објавена веста за неговото отпуштање предизборната кампања соопшти дека тој бил назначен во тимот заедно со поранешната потпаролка на Трамп, Катрина Пирсон.

– Со оглед на тоа што работиме на овогодишните избори за Конгресот и на кампањата за претседателските избори во 2020 година со задоволство соопштуваме дека кај нас се враќаат двајца прекрасни соработници на нашиот тим од 2016 година, изјави шефот на кампањата за реизбор на Трамп, Бред Парскеил.

За време на Трамп до сега се извршени многу промени во високиот ешалон на власта, потсети Инситутот „Брукингс“ кој додаде дека до 7 март биле сменети 43 проценти од тимот.

Минатиот месец директорката за врски со јавноста на Белата куќа Хоуп Хикс, за која се тврди дека е многу блиска до Трамп, објави дека ќе се повлече, а на 6 март главниот економски советник Гари Коун поднесе оставка поради одлуката на претседателот да воведе царина за увоз на челик и алуминиум.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/03/2018 23:07