Ракометарите на Металург загубија на гостувањето кај Татран во Прешов со 27:19 (12:8) во дуел од 17. коло од СЕХА лигата.

„Металурзите“ во Словачка одиграа доста слабо, со многу грешки во нападот, што на крај им го донесе и десетиот пораз. Двете екипи веќе ги загубија шансите за повисок пласман, па овој натпревар беше само формалност.

Најефикасни со по четири гола беа Филип Кузмановски и Амнте Томиќ. По три гола постигнаа Халил Јагањац и Димитар Димитриоски. За Татран, Јакуб Хрстка со шест гола беше најефикасен, а по пет погодоци постигнаа Томас Чип и Бруно Буторац.

За Металург останува да го одигра уште последниот натпревар од регуларниот дел во СЕХА против словенечкиот првак Целје во недела, 18 март во Скопје, но тој дуел нема да има влијание на изгледот на табелата.

Најдобрите четири екипи во регуларниот дел од сезоната (Вардар, Целје, ППД Загреб и Мешков Брест) ќе играат за титулата во СЕХА на Ф4 турнирот во Скопје (13-15 април).



Автор: Администратор
Објавено на: 14/03/2018 23:22