Прашањето за името на Македонија, случајот со грчките војници притворени во Турција, но и позициите за сопственикот на ПАОК, Иван Савидис, се главните точки, кои, според грчките медиуми, придонесуваат за зголемување на несогласувањата и разликите меѓу владините коалициски партнери СИРИЗА и Независни Грци.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, во однос на разговорите за името, како што се приближува моментот кога би можело евентуалниот договор да стигне до грчкиот Парламент, во Грција така се зголемуваат и шпекулациите и сценаријата за ставот на министерот за одбрана Панос Каменос и неговата десничарска партија Независни Грци.

Информативниот портал „Ин“ пишува дека кон крајот на месецот шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во Парламентот во Атина ќе ги презентира предлозите за решение, а тоа ќе значи и напуштање на Владата на Независни Грци.

- Според информациите, кон крајот на месецот Коѕијас во Парламентот ќе ја донесе рамката за договор со Скопје за името. Предлозите што ќе се достават и ќе го вклучуваат терминот „Македонија“ ќе бидат изговор Независни Грци да ја напуштат Владата, наведува „Ин“.

Информативниот портал „Ин“ додава дека, според истите информации, сите министри и заменици на Незвисни Грци ќе поднесат оставки, но партијата ќе продолжи да ја поддржува Владата.

- На овој начин Панос Каменос ќе сака да ја искористи и последната надеж за да ја смени негативната клима за него и да донесе пресврт во истражувањата на јавното мислење, заклучува „Ин“.

За презентирањето на предлозите пред грчкиот Парламент, пред два дена говореше и Ставрос Теодоракис од партијата Река, кој, како што објави МИА, рече дека намерата на грчката Влада е тоа да го стори по Велигден.

Информативниот портал „Иефимерида“ коментира дека по посетата на Коѕијас на Скопје, каде што сериозно ќе се испитаат можностите за евентуален договор, доаѓа тешкиот дел - гласањето во Парламентот.

- Можноста, Панос Каменос и во пракса да го примени она што го кажува и да не поддржи решение, повторно ја отвора „лепезата“ со сценарија. Прво, дел од членовите на СИРИЗА, не ја исклучуваат можноста да следат силни потреси во владиното мнозинство, што може да донесе важни случувања. Второ, други, се плашат дека несогласувањето на Каменос, може да го поведе премиерот Алексис Ципрас дури и до веројатноста да се повлече од скопското прашање, со изговор, како што велат, неизнаоѓање решение за прашањето со Уставот со ПЈРМ, пишува грчкиот портал.

Дел од медиумите во Грција оценуваат дека несогласувањата и различните позиции на коалициските партнери и досега беа познати, но овој пат масло во огнот долеале ставовите околу Иван Савидис.

Пратеници од двете партии во грчката влада, СИРИЗА и Независни Грци, во изминатите денови излегоа со спротивни позиции во однос на сопственикот на ПАОК и бизнисмен Савидис. Медиумите, ова го коментираат како зголемување на нетрпеливоста меѓу коалициските партнери и „облаци“ над владината коалиција.

- Случајот со Савидис ги менува односите на СИРИЗА и Независни Грци. Можеби е првпат кога информациите за големи проблеми во коалицијата не само што се потврдуваат, како од членови на СИРИЗА, така и од членови на Независни Грци, туку и паралелно се чини дека не постои намера Алексис Ципрас и Панос Каменос да интервенираат и да го „изгаснат“ огнот, како што беше случај во минатото, истакнувајќи ја силната врска меѓу нив, пишува „Нафтемборики“.

Портпаролот на грчката Влада Димитрис Ѕанакопулос, говорејќи за радиото „Алфа 989“, утрово рече дека не постои никаков проблем во односите меѓу двете партии што учествуваат во владината коалиција и повтори дека изборите ќе се одржат регуларно на крајот од мандатот на владата, следната година.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/03/2018 03:11