Опозициската Нова демократија води пред СИРИЗА со 9 отсто, покажува најновата анкета во Грција што за телевизијата „Скај“ ја спровела агенцијата „Пулс“.
Финансиската криза и ригорозните мерки за штедење генерално на секои парламентарни избори во изминатите 10 години ги тераа гласачите да се ориентираат кон опозицијата, а според анкетата изгледа дека повторно ќе се случи истото сценарио. Дополнително довербата на гласачите во владејачката СИРИЗА е разнишана и поради справувањето со случајот на двајцата грчки војници што се притворени во Турција, но и од проблемот со Македонија, односно спорот за името.
На прашањето за која партија би гласале доколку в недела би се одржале избори, Нова демократија води со 9 отсто пред СИРИЗА, односно 28,5 отсто од испитаниците се определиле за НД, наспроти 19,5 за владејачката партија. Третата партија според рејтингот е движењето „Промени“ со 8 отсто поддршка, што е само половина процент повеќе од поддршката за ултранационалистичката „Златна зора“. На петтото место, со 5,5 проценти поддршка е Комунистичката партија. Ниту една друга партија го нема цензусот за влез во парламентот. Тоа се „Независни Грци“ и „Центристичка Унија“, со по 1,5 отсто поддршка.
Во однос на тоа во која партија имаат поголема доверба за справување со барањата на кредиторите, Нова демократија води со 31,5 отсто, наспроти 21,5 отсто за СИРИЗА.
Анкетата на Пулс покажува дека во Грција преовладува песимизмот, бидејќи 63 отсто од испитаниците „сигурно“ или „прилично сигурно“ веруваат дека земјата се движи во погрешна насока.