Србија со контра-мерки за Македонија ако нема решение за брашното Белград- Ако до 14 април не се најде трајно решение за извозот на брашното во Македонија, Србија ќе воведе контра мерки, соопшти српскиот министерот за трговија, туризам и телекомуникации Расим Љајиќ. Гостувајќи во утринската програма на ТВ Н1, Љајиќ рече дека Србија ќе биде трпелива зашто трговската и царинската војна не се во интерес на двете земји.
- До 14 април мораме да најдеме трајно решение за извозот на брашното во Македонија. Воведувањето контра мерки, за жал, се уште е опција. Ние имаме трпение, не сакаме да влеземе во трговска и царинска војна, да воведуваме контрамерки, бидејќи тоа не е во интерес на стопанството и на меѓусебните односи. Јас им кажав да не не тераат тоа да го направиме, но тоа навистина ќе го сториме овој пат ако не најдеме трајно решение, истакна српскиот министер и најави нов состанок во Скопје за две недели.
Според него, проблемот со брашното го прават тројца мелничари од Македонија кои, како што напомена, имаат економско и финасиско влијание со што успеваат да наметнат вонцарински бариери.
Се бара модел, дополни Љајиќ, за трајно решение за да не се повторува проблемот секоја година.
Негова оценка е дека постојат неколку модели за решавање на проблемот, меѓу кои, потполно укинување на маркичките и трајно признавање на сертификатите.
На разгворот со македонскиот министер за замјоделство Љупчо Николовски не беше постигнато конечно решение и затоа, нагласи Љајиќ, се формира Мешовитиот комитет.
- Пред два дена во Белград се одржа состанок на Меѓувладиниот комитет со релеватни институции од Србија и од Македонија. Говоревме генерално за олеснување на трговијата, а не само за брашното и за останатите прашања. Направивме исчекор и за две недели би требало да го продолжиме тој дијалог во Скопје, подвлече српскиот министер