Грција ја испратила до властите во Скопје, нацрт- спогодбата за можно решение за името, открива шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во интервју за ЕРТ. Според него, документот веќе им е доставен на разгледување на македонските власти и при неговата посета на земјава сака да чуе кои делови од спогодбата се прифатливи за Скопје.

При објавувањето на идејата до решение да се дојде преку понудената спогодба, Коѕијас изјави дека седум области што се опфатени во документот не се пакет што мора целосно да се прифати, туку дека и Македонија ќе може да предлага свои идеи.

„Изработивме текст со нашите предлози во целост како во однос на отворените проблеми што ги имаме со ПРЈМ, така и за идната агенда на соработка што ќе им донесе корист и на двете страни. Овој текст го имам пратено пред повеќе дена во Скопје“, рече шефот на грчката дипломатија, Коѕијас.

Македонското Министерство за надворешни работи извести дека грчкиот министер Коѕијас доаѓа во официјална посета на Македонија на 22-ри и 23-ти март. Ќе пристигне на Меѓународниот аеродром- Скопје.

Исто така, на 30-ти март, министрите Димитров и Коѕијас во Виена, ќе имаат состанок со медијаторот Метју Нимиц.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/03/2018 14:12