Како што е соопштено од организацијата на холандското првенство, популарната Ередивизие, од следната сезона во оваа лига ќе биде воведен системот на видеоасистенти-судии, таканаречен ВАР.
ВАР веќе е воведен во Бундеслигата, во Серија А, во американската МЛС-лига, во австралиската А-лига, користен е на натпреварите од ФА купот и од англискиот Лига куп, а ќе се користи и на претстојното Светско првенство во фудбал во Русија ова лето.
Шпанската Ла Лига најави дека ќе го воведе овој систем, кој им помага на судиите при најважните ситуации на натпреварот, од следната сезона, а тоа ќе го направи и холандската Ередивизие.
„Ние веќе работевме на воведувањето на овој систем, но целосната примена ќе следи дури во претстојните месеци“, изјави Ерик Гуде, директорот на Ередивизие.
Новиот холандски шампионат ќе стартува на 11-ти август и тогаш за прв пат ќе се користи ВАР.