56.5 отсто или повеќе од половината Грци, посакуваат терминот Македонија да не биде вклучен во името на нашата земја, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Каpа Research“ за грчката телевизија „Алфа“.

На прашањето, која е желбата на анкетираните за разговорите за името, 56.5 отсто одговараат „да не биде вклучен терминот Македонија“, 38.5 отсто се за компромисно решение со сложено име, а четири отсто посакуваат решение со кое било име.

Истиот процент испитаници што не сакаат терминот Македонија да биде вклучен во името (56.5 отсто) се дури и против предлогот ГорнаМакедонија напишано на македонски без превод, слеано во еден збор.

Генералниот директор на Каpа Research Тасос Георгиадис, коментира дека за оние што се против терминот Македонија во името, воопшто не игра улога која е одредницата.

44.9 отсто од испитаниците сметаат дека во интерес на Грција е решение на проблемот, па макар и со сложено име, а 46.8 отсто мислат дека не мора да се реши сега и да се остави за во иднина.

Мнозинството од анкетираните, 67.5 отсто, сепак, сметаат дека преговорите за изнаоѓање решение треба да продолжат, наспроти 30.5 отсто кои одговориле дека треба да се прекинат.

Додека пак, ставот на шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, во прашањето за името, шест од 10 Грци или 63 отсто го оценуваат негативен или веројатно негативен, а 31.5 отсто позитивен или веројатно позитивен. На прашањето „кои земји претставуваат опасност за Грција“, анкетираните одговориле: Турција 92.5 отсто, Албанија 47 отсто и Македонија 37 отсто.

Во истражувањето на Каpа Research за ТВ Алфа, учествувале 1.343 испитаници, а било спроведено од 1 до 9 март преку телефонски интервјуа.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/03/2018 16:07