Спорот за името била една од темите за кои разговараа вчера грчкиот премиер Алексис Ципрас и коалицискиот партнер во Владата Панос Каменос на нивниот состанок во премиерската палата во Атина.

Панос Каменос, по средбата рече дека ставот на Независни Грци, против употребата на терминот Македонија, е непроменет и додаде дека сега топката е на македонска страна.

– Познати се позициите на Независни Грци за скопското прашање за неупотреба на терминот Македонија во било кое решение. Освен тоа, разговорите за скопското прашање во овој момент се во рацете на поранешната југословенска Република во однос на тоа дали ќе се направат уставни промени. Уставните промени се апсолутен предуслов, рече Каменос по средбата со Ципрас.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, лидерот на Независни Грци и коалициски партнер во грчката влада ги демантираше шпекулациите за напуштање на владата, велејќи дека соработката со Ципрас „ќе продолжи до крај, со комплетно почитување на црвените линии и различните политички позиции кои од почетокот јасно и чесно ги поставивме како услов за нашата соработка“.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/03/2018 16:12