Лично јас уште ги немам видено одговорите, денес ќе ги разгледаме, бидејќи вчера стигнаа во министерството, вели грчкиот заменик министер за надворешни работи, Јанис Аманатидис, говорејќи рано утрово во емисија на грчката телевизија „Скај“, во однос на доставените предлози од македонска страна.

Токму поради тоа што не ги знае македонските ставови, не коментираше дали има поклопување на позициите, но изрази уверување дека постои политичка волја и од двете страни.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, Аманатидис рече дека преговорите продолжуваат, посетата на шефот на грчката дипломатија на Скопје е многу важна, затоа што ќе започне од аеродромот што веќе има променето име.

Заменикот на Коѕијас, уште еднаш го повтори и грчките позиции во разговорите, карактеризирајќи ги како „национално корисни“.

-Значи, сложено име и за внатрешноста и за надворешноста, односно ерга омнес. За во внатрешната, очигледно ќе биде потребна промена на Уставот и разговараме за прашањата кои што се поврзани со иредентизмот, кои што може да се или во учебниците, па дури и во Уставот, ако постојат сомневања за иредентизам. Тоа е еден пакет, рече Аманатидис за „Скај“.

Заменик министерот рече дека предлогот што ќе дојде на гласање во грчкиот Парламент, ќе биде национално корисен и ќе биде поддржан како од мнозинството граѓани, така и од мнозинството пратеници.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/03/2018 19:07