Антоан Гриезман, најдобриот играч на Атлетико, по големиот интерес на Барселона, изјави дека би сакал неговиот статус да се реши пред да замине на Мундијалот.
Гриезман има договор со Атлетико до крајот на јуни 2022 година, но сè поизвесно е дека на крајот на сезоната ќе го напушти Мадрид и најверојатно ќе отиде во Каталонија.
„Сакам безгрижно да отпатувам во Русија. Не само од причина каде ќе играм наредната сезона, туку поради мирот во главата кој носи сигурноста кога знаеше дека си на едно место“, изјави Гриезман за францускиот „Л’Екип“.
Според зборовите на францускиот голгетер, најмногу му смета тоа што сите го прашуваат за неговата иднина, а како што изјави, на неговата сестра ѝ се доверил дека пред да оди на Мундијалот во Русија ќе реши дали ќе си замине од Атлетико.
Гриезман, кој во Атлетико стигнал во 2014 година од Реал Сосиедад, додаде дека повеќе сака да освојува колективни награди отколку индивидуални и дека поради тоа не се оптоварува со Златната топка.
„Сакам прво да го освојам Светското првенство, па Лигата на шампионите, а потоа ќе дојде и Златната топка“, изјави самоуверено Гриезман, кој во договорот има излезна клаузула од сто милиони евра.