Со промената на владата во Скопје се отвори прозорец на можности за решавање на прашањето за името и во оваа фаза, прозорецот и понатаму е отворен, вели алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, во интервју за грчкото радио „Сто Кокино“, Катругалос објаснува дека комплетна слика за разговорите ќе има по враќањето на Никос Коѕијас од Скопје.
– Она што може да се каже во оваа фаза од преговорите е дека прозорецот на можност што се отвори, токму затоа тоа што новата влада во Скопје е различна во врска со ова прашање од претходната националистичката влада, прозорецот и понатаму е отворен. Но, ова не значи дека конвергенциите се такви за да можеме да кажеме дека го имаме договорот в џеб. И понатаму има важни проблеми, но можеби најважен е промената на Уставот, промена што ние ја сметаме за неопходна – вели Катругалос.