Претседателот на Лигата на социјалдемократите на Војводина (ЛСВ) Ненад Чанак изјави дека Русија, после неуспешниот државен удар и обидите за насилното соборување на власта во Црна Гора, сега врши притисок врз Македонија.

Чанак ги осуди „најновите закани и притисоци кои руската дипломатија и ги упатува на Македонија”, се наведува во писмената изјава до медиумите во Србија, што ја пренесува Б92.

Македонските медиуми вчера објавија дека Русија ја предупредила Македонија дека нејзиното пристапување во НАТО ќе има негативни последици врз билатералните односи со Русија и врз регионалната безбедност.

Чанак испрати поддршка до македонскиот премиер и претседател на Социјалдемократскиот сојуз Зоран Заев за “своите напори кои ги прави во изградбата на демократско и граѓанското општество”, како и “силна поддршка” за надворешната политичка ориентација на новата македонска влада која ” прави големи напори со цел на постигнување на мир со сите свои соседи “.

„Од особена важност се преговорите за името на Македонија кое би било прифатливо за сите нејзини соседи”, наведе лидерот на ЛСВ Ненад Чанак.

Тој додаде дека забрзаниот процес на евроатланските интеграции и поканата за влез во НАТО се од клучно значење за стабилизирање на состојбата во Македонија и постигнувањето на демократски и развиен Балкан.

„Заради тоа, сите притисоци од Русија или од некоја друга земја, кои водат до заострување на односите или дестабилизација на состојбата во регионот, се директен акт против интересите на општеството и на секој поединец во Југоисточна Европа”, констатира Чанак во соопштението до српските медиуми.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/03/2018 22:34