Претседателот на опозициската Нова демократија повторно упати остри критики до актуелната грчка Влада, за политиката што ја води, како во економијата така и во однос на националните прашања.
Кирјакос Мицотакис, говорејќи пред одговорните на секторите во партијата, го спомена и спорот со името, јави дописникот на МИА од Атина.
– Во прашањето со Скопје, владата потсетува на Вавилонска кула. Прашањето со ревизија на Уставот на соседната земја, го поставивме уште од прв момент како услов што не може да се прекрши за да продолжиме кон било кој друг разговор. Со големо задоцнување, некои во владата денес ја сфаќаат правилноста на нашата позиција. Но, за жал е премногу доцна за формирање национален фронт кога самата влада не може да формулира национална линија, единствена линија, заедничка линија, за еден толку критичен национален проблем, вели Мицотакис.