Отворените прашања во грчката надворешна политика, односно спорот за името, грчко – турските односи и кипарското прашање, се дел од агендата на грчкиот премиер на средбите и активностите што ќе ги има во Брисел за време на Самитот на ЕУ.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА, Алексис Ципрас, ќе се осврне на позициите на Грција за европската перспектива на Западен Балкан и за преговорите на Атина со Скопје и Тирана.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, грчкиот премиер за спорот со името ќе разговара и на неговите средби со европските лидери.

– За време на Самитот, господинот Ципрас се очекува да има контакти со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, со германската канцеларка Ангела Меркел, со претседателот на Франција Емануел Макрон и со премиерката на Велик Британија, Тереза Меј, со кои ќе разговара за Турција, Кипар и за името на ПЈРМ, пишува грчката новинска агенција, пренесе МИА.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/03/2018 14:13