Мнозинството од грчкото општество е наспроти владата за скопското прашање, наспроти начинот на кој преговара министерот за надворешни работи Никос Коѕијас со тајна дипломатија по наредба на Алексис Ципрас, додека пак Панос Каменос не се согласува, вели одговорниот за одбрана во опозициската Нова демократија, Василис Кикиљас, говорејќи во утринска емисија на грчката телевизија „Антена“.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, Кикиљас смета дека шефот на грчката дипломатија денеска во Скопје ќе разговара за нешто за што не се согласуваат Грците.
- Со тајна дипломатија се обидува да го реши скопското прашање, без претходно нашите соседи да се согласат да го променат нивниот Устав, нивните учебници, нивните лични карти, нивните пасоши, продолжувајќи со иредентизмот, а владата и опозицијата во Скопје продолжуваат со изјави и политички потези кои што ја напаѓаат нашата Македонија, вели пратеникот од Нова демократија.
Според Кикиљас, во некој момент, треба да се најде решение, „но врз основа на условите што ги поставува грчкото општество и Нова демократија“.