Познатиот шпански фудбалер Чаби Алонсо се соочува со потенцијална петгодишна затворска казна откако беше обвинет дека затајување данок во неговата татковина.

Обвинителството објави дека Алонсо на даночната сметка должи речиси два милиони евра од приходите за авторските права на неговиот лик, што не ги пријавил. Во прашање се приходите кои ги остварил во периодот од 2010 до 2012 година, кога ги бранеше боите на Реал од Мадрид.

Триесет и шестгодишниот Алонсо негирал дека го прекршил законот.

Покрај некогашниот шпански репрезентативец, обвинителството за истиот прекршок го обвинува и неговиот финансиски советник Иван Салду, како и еден од челниците на португалската компанија која ја ангажирал за да го избегне плаќањето данок.

Од Алонсо се бара да плати четири милиони евра, покрај двата кои наводно ги затаил.

Истрагата за случајот на Алонсо повторно беше отворена минатата година, а судот во Мадрид објави дека обвинувањата против некогашниот фудбалер на Реал и Ливерпул се основани.

Алонсо е само последниот во низата фудбалери против кои се покренати обвиненија поради затајување данок, а претходно, меѓу останатите, таков беше случајот и со Лионел Меси и Кристијано Роналдо.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/03/2018 01:21