За Грција има два клучни услови околу компромисот за името - едниот е сложеното име со географска одредница, а вториот е тоа да биде одржливо решение, порача грчкиот премиер Алексис Ципрас, по завршувањето на европскиот Самит на прашање на дописничката на МИА од Брисел за посетата на Никос Коѕијас.
- Не треба да биде „олеснета верзија“, туку одржливо решение за да се создаде силен дијалог меѓу народите, името треба да биде за секоја употреба, меѓународна, билатерална но и за внатрешна употреба. Не може да има различно име во Обединетите нации, а да продолжи да се нарекува Македонија во Уставот. Договорот не е лесен, во Грција многу луѓе се противат, но ова е историска шанса која треба да се искористи, изјави Ципрас.
Ципрас, како што јави дописничката на МИА од Брисел, за прашањето за името најпрвин полушеговито и одоговорил: „Следниот пат веќе нема да можете да го користите терминот Република Македонија, туку Горна или која било друга опција“.
Премиерот потоа порача дека Грција ги има „најдобрите намери на светот“.
- Имаме волја да го решиме овој проблем но нема никаков притисок, никој не не тера, ова не е егзистенцијално прашање за нас, но е за нашите соседи. Не се обидуваме да им наштетиме на нашите соговорници, додаде тој.
Запрашан да ги коментира руските закани упатени кон Македонија дека има негативни ризици за регионалната стабилност доколку земјата влезе во НАТО, Ципрас рече дека не треба трети страни да се вмешуваат и дека прашањето за името е билатерално и ќе се решава во рамките на ОН.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, во информативна емисија на грчката ТВ ЕРТ, во чии рамки во живо се емитуваше прес-конференцијата на Ципрас во Брисел, веднаш по завршувањето, новинарите ги коментираа пораките што тој ги испрати.
Во однос на прашањето за името, новинарите рекоа дека грчкиот премиер, го открил името, Горна Македонија, обраќајќи се до дописникот на МИА од Брисел.
Коментарите на новинарите од државната телевизија беа дека најпрво го открил, а потоа се обидел да се коригира со зборовите „не мора да е Горна, може да е било кое друго име“.