Како што преговорите се доближуваат до јадрото на проблемот, се појавуваат пречки и ќорсокак, смета одговорниот за надворешна политика во грчката опозициска партија Нова демократија, Јоргос Кумуцакос. Вели дека постојат големи несогласувања и разлики, и според него, поверојатно е да има комликации, отколку решение.
- Во овој момент се чини дека како што преговорите доаѓаат до јадрото на тешките прашања, има пречки и ќорсокак. Во овој момент, според она што го знаеме, а не сме информирани одговорно и сериозно од владата, според она што можеме да го дознаеме, имам чувство дека сме поблиску до компликација, отколку поблиску до решение - коментира Кумуцакос во интервју за грчката телевизија „Скај“.
Во однос на тоа дали Нова демократија ќе го поддржи евентуалното решение во грчкиот Парламент, одговорниот за надворешна политика во партијата, вели дека прво треба да го видат комплетниот предлог за решение, а потоа да заземат став, земајќи ги предвид и чувствата на Грците, „затоа што и чувствата на Грците се дел од оваа равенка“.