Песимизам во однос на можноста за решение на спорот со името изрази поранешната шефица на грчката дипломатија, а сега пратеник од Нова демократија, Дора Бакојани.

Во интервју за радиото „Тема“, таа ја коментира и денешната изјава на лидерот на Независни Грци.

- Каменос нема да направи ништо. Тој е залепен за фотелјата, ни во сон не можеше да замисли дека ќе се најдеше некој да го направи министер за одбрана. Многу тешко ми изгледаат работите за решение, немам чувство дека одиме кон било каков облик на договор, вели Бакојани.

Овие нејзини позиции „дека е блокирана работата и многу е тешко да постои договор“, ги поткрепува со ставот дека грчката Влада погрешно ги водела преговорите од самиот почеток во однос на суштината.

- Кога велиме едно ерга омнес име мислиме на име што ќе биде за сите и внатре и надвор и билатерално и мултилатерално итн. Само така може да се реши проблемот. Да го смениме ФИРОМ односно Поранешна Југословенска Република Македонија да ја наречеме поинаку, а тоа име да се користи како што се користи и ФИРОМ, тоа не е решение. Не се запира иредентизмот. Ерга омнес има особена тежина, ја има најголемата тежина од сѐ останато. Кога ова прашање со Уставот го вметнуваш 2,5 месеца по почетокот на преговорите, нешто не е во ред, објаснува пратеничката од грчката опозициска партија Нова демократија.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Бакојани вели дека најлошото во целиот случај е тоа што „во овој момент се работи на следниот ден, односно на она што се нарекува „blame game“ - кој ќе го плати неуспехот од преговорите“. Таа сегашната ситуација ја споредува со онаа од пред 10 години на НАТО самитот кога токму таа беше министер за надворешни работи на Грција. Вели дека тогаш земјата успеала да има седум премиери на грчка страна, а неуспехот да не биде на товар на Атина.

- Денеска не сум воопшто сигурна кој ќе биде резултатот и кој ќе го плати фијаското во преговорите, додава Бакојани во интервју за радиото, пренесе МИА.

На прашањето за евентуален влез на нашата земја под привремената референца, поранешната шефица на грчката дипломатија вели дека токму за тоа бил притисокот во 2008 година, а доколку се случи тоа сега, тогаш „Грција нема да има никаква алатка за притисок врз Скопје“.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/03/2018 15:41