Српската листа излегува од косовската Влада, а 10-те општини со мнозинско српско население во Косово на 20 април ќе ја формираат Заедницата на српски општини, изјави денеска претседателот на партијата Горан Ракиќ.
Тој информираше дека одлуката била донесена по консултациите со српскиот претседател Александар Вучиќ, кого постојано го информирале за вчерашните случувања во Косовска Митровица и одлуките кои се носеле.
- Српска листа ќе излезе од Владата на привремените институции и тие нема да ја имаат поддршката на Српска листа, истакна Ракиќ.
Тој најави дека утре во Косовска Митровица ќе се одржи седница на сите 10 општини во Косово со мнозинско српско население, на која ќе се договораат за формирањето на ЗСО.
Ракиќ изјави дека пет години откако е потпишан Бриселскиот договор, Приштина не ја исполнила обврската да ја формира ЗСО, па затоа тоа ќе го направат сами српските општини.