Ракометарките на ЖРК Вардар ја одбранија титулата во регионалната ВРХЛ лига откако на три меча пред крај на натпреварувањето го победија Крим Меркатор со 32:31 (13:16). Вардар не одигра најдобар натпревар и до одморот Крим ја диктираше играта и резултатот и имаше предност од три гола. Во вториот дел Вардар почна да го менува темпото и да ја топи негативата, па во 56. минута дојде првпат до нерешен резултат (29:29). Се играше неизвесно до крајот, а победничкиот гол за Вардар го постигна Андреа Пенезиќ во последните десет секунди од натпреварот, со кој нашиот тим ја забележа победата. Токму Пенензиќ со осум гола беше најпрецизна на натпреварот, додека Цвијиќ и Лекиќ ја следеа со по пет. Најефикасна ракометарка во гостинскиот тим беше Станко со 11 гола, а покрај неа одличен натпревар одигра и Бенко со пет погодоци. Вардар е единствен без пораз по седум одиграни натпревари и има недостижна предност во однос на ривалите, откако на „црвено-црните“ им одговараше и реми на овој дуел за да ја одбранат титулата. „Црвено-црните“ имаат 14 бодови на првата позиција, Крим има четири, а Будуќност само два. Утре во СЦ „Јане Сандански" се игра натпреварот меѓу Будуќност и Крим од 11 часот, кој нема резултатско значење.