Барбара Спинели, европратеничка и ќерка на еден од основачите на Европската Унија, Алтиеро Спинели, во интервју за МИА говори за демократските слабости на Европската Унија, лажните вести од Македонија и за заканите врз слободата на медиумите и новинарите во Европа.

Спинели е автор на последната резолуција на Европскиот Парламент во која од ЕУ се бара да помогне да се сочува независноста на медиумите, под закана од големите технолошки платформи како Фејсбук, но и од се почестите напади врз новинарите, засилените методи на надзор врз граѓаните под превез на борбата против тероризмот. Спинели во својот извештај предупредува и дека ЕУ не располага со соодветни контролни механизми за почитувањето на владеењето на правото во земјите членки на ЕУ.

Според неа, европскиот процес на проширување не е доволно посветен на теми како слободата на медиумите која би требало да се третира како дел од владеењето на правото.

- Копнехашките критериуми не се доволни, тие треба да бидат истенчени и подетални. Процесот на проширување не беше доволно детален. Тоа беше стратешка одлука, но без амбиција тие земји да се интегрираат во системот на заеднички норми. Треба да постои структура која ќе гарантира дека тие норми се почитуваат и мислам дека ЕУ во тој поглед е во состојба на слабост.

Случаите со Полска и Унгарија, каде медиумите се под голем притисок на владеачките структури и недоволното почитување на владеењето на правото, се меѓу загрижувачките примери за тоа како откако земја ќе стане членка не ЕУ нема повеќе начин да се контролираат европските норми, вели Спинели.

Коментирајќи го феноменот на “лажните вести“ од Македонија, но не само, Спинели предупредува дека вистинскиот проблем не се наоѓа таму, туку во слабоста на европските демократии.

- Ако го имаме Трамп и Брегзит, тоа не е само вина на лажните вести, туку силите кои требаше да им се спротистават на ксенефобичните струи. Ако Спутник или други сајтови се способни да соборат изборни резултати или да спречат Англија да остане во ЕУ, ако не можат да им пркосат на лажните вести, тогаш тоа значи дека нашите демократии се речиси мртви.

Спинели, која долго време била новинар, ја поздравува новата регулатива на ЕУ за заштита на личните податоци која треба да стапи на сила на 25 мај, нарекувајќи ја “една од најдобрите во светот“, но изразува загриженост за влијанието на технолошките гиганти како Фејсбук и Гугл. Поради тоа, таа се противи на “кодот на однесување за спречување на говорот на омраза“ на Европската Комисија затоа што кодот бил напишан во соработка со големите ИТ компании и има ризик да резултира со “де факто приватизација на контролата и на изборот на вести и ставови“.

-Правото на информација не смее да биде ограничено на коректни или прифатливи ставови, правото на информирање подразбира и информации кои можат да шокираат, да пречат или да навредат, вели Спинели повикувајќи се на заедничката декларација на повеќе меѓународни организации околу лажните вести и пропагандата.

За крај Спинели порачува дека спасот треба да се најде во саморегулацијата на медиумите со помош на европските програми и владите на земјите членки, зајакнувањето на улогата на “посредниците на демократијата“ како што се невладините организации. Но, и во “медиумската и дигиталната писменост“.

-Треба да се инвестира од основно училиште во оваа писменост, но и да се стави на маса идејата за постојана обука за дигиталните алатки. Инвестиција на тие полиња е инвестиција во демократијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/03/2018 11:27