Кошаркарската ѕвезда на Реал Мадрид, деветнаесет годишниот Лука Дончиќ изјави дека навивачите на Црвена звезда се најдобри во Европа и дека очекува „вистинска војна“ во белградската сала „Пионир“.
- Ние сите знаеме каква е атмосферата во „Пионир“. Навивачите на Црвена звезда се неверојатни, најдобри во Европа и сигурно ќе ни биде тешко. Не очекува вистинска војна, но ние сме подготвени, изјави Дончиќ.
Српскиот и регионален шампион ќе го пречека „кралскиот клуб“ од 19 часот во 29-от круг на Евролигата, во натпревар кој има значење само за гостите. На две кола пред крајот на регуларниот дел на најелитното кошаркарско натпреварување на Стариот континент, Реал има ист резултат како Панатинаикос (17-11) со кого треба да се бори за четвртото место и предност на домашен терен во борбата за пласман на фајналфор.
- Тие немаат императив, но јас не верувам на никого и знам дека ние треба да дадеме 100 проценти од нашите можности. Панатинаикос сигурно нема да се откажат, па не смееме ни ние, смета словенечкиот бек.
Тимот на Душан Алимпијевиќ славеше во првиот дуел во Мадрид, а вечерва нема да може да смета на Перо Антиќ и Немања Дангубиќ.
- Има неколку позитивни работи во нивната игра, имаат три или четири играчи кои може да погодат за три поени и, се разбира, треба да бидеме внимателни, заклучи Дончиќ, инаку голем фан на тимот од „Мал Калемегдан“.