Младинските екипи на шпанскиот гигант Барселона и актуелниот европски првак Фенербахче ќе бидат дел од меморијален, млaдински кошаркарски турнир „ФИЦБОЛ 2018“ на 7 и 8 април во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.

Турнирот во организација на КК Партизан Водно Санс и семејството Сотирови, ќе се одржи по прв пат и е во чест и сеќавање на прерано починатиот, млад кошаркар Филип Сотиров - Фиц (1999-2014). Покрај Барселона и Фенербахче, на турнирот ќе учествуваат, Бугарска Национална репрезентација, Партизан Белград, Кајолу и домаќинот КК Партизан Водно Санс.

Предвидени се натпреварувања во забивање, шут за три поени, ќе се бира највреден играч, најдобри стрелци на секој натпревар како и најдобар стрелец на целиот турнир. Тренерите на тимовите, по завршувањето на сите натпреварите, ќе ја одберат најдобрата петорка на турнирот.

Турнирот ќе има и хуманитарен карактер, кој ќе се манифестира преку донирање на средства и реквизити во домот за деца без родители „11ти Октомври“, од страна на сите екипи учесници во турнирот, информира организаторот.

Влезот за натпреварите на турнирот е бесплатен.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/04/2018 10:12