Раководството на македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром денеска се огласи по одлуката на Блокотехна да не им одобри 25 билети за вечерашното гостување во Гевгелија.

- Тешко дека постојат зборови со кои адекватно би ја опишале нашата разочараност од одлука на раководството на Блокотехна да и забрани на нашата управа да присуствува на овој натпревар. На нашето барање за 25 билети за раководството на клубот, нешто што е предвидено со член 31.1 од Пропозициите за натпреварување, но што е и децениска традиција во македонската кошарка, добивме негативен одговор со штуро објаснување. Челниците на Блокотехна не сакаат да нѐ нагостат од – безбедносни причини. И за тоа, според актите, може да бидат казнети со „дури“ 2.000 денари, стои во реакцијата на МЗТ.

Од таборот на „аеродромци“ ова го сметаат за срамен однос кон нивниот клуб.

- Искрено, не паметиме ваков срамен однос кон нашиот клуб, дури и од времињата во кои сме имале пожешки ривалски односи со екипи со далеку поголема традиција од Блокотехна. Свесни сме дека овој тим е дебитант во елитата и дека сѐ уште има многу да учи како треба да се однесува кога е во друштво со големите клубови, но ниту во сон не очекувавме ваков низок удар од тим кој до вчера играше во Втората лига. Па, зарем во Македонија кошарката е приватна забава само за привилегирани семејства?, се запрашуваат во МЗТ Скопје.

Актуелниот првак бара МКФ да поведе сметка за ваквите ситуации и да воведе поригорозна казна, и како што велат да ги едуцира клубовите, за во иднина да не се повторат вакви нешта.

Натпреварот Блокотехна – МЗТ Скопје Аеродром се игра вечер од 18 часот и 30 минути.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/04/2018 11:50