Најблиските соработници на грчкиот премиер Алексис Ципрас размислуваат евентуалниот договор за името во грчкиот Парламент да се гласа со зголемено мнозинство од 180, место досегашните 151 пратеник, што како предлог веќе се наоѓа на маса, објавија вчера грчките медиуми.
Информативните портали In и Eurotoday објавија дека во кабинетот на Ципрас постои дебата за тоа договорот да пристигне во Парламентот, но да биде усвоен од 180 пратеници.
- Доколку постои договор за името со ПЈРМ, соработниците на премиерот разговараат за тоа договорот да го достават за гласање во Парламентот и да се одобри, но не со обично мнозинство. Дискусијата сега се води да се побара зголемено мнозинство од 180 пратеници. Ова е поради теоријата дека станува збор за меѓународен договор и не треба да биде усвоен со обично мнозинство, напиша порталот In.
Со слична анализа е и Eurotoday. „Никаква уставна одредба не го обврзува грчкиот премиер да ја постави границата на 180 пратеници, но како што објаснува негов близок соработник, решавањето на едно национално прашање, што е нерешено 25 години можеби и да не дозволува обично мнозинство“, пишува порталот Eurotoday.
Токму прашањето за изгласување евентуален договор со зголемено мнозинство од 180 пратеници беше упатено до портпаролот на грчката влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос, на брифингот одржан пред две седмици.
- Штом ќе се постигне договор грчката Влада ќе го соопшти начинот на кој договорот ќе се достави во грчкиот Парламент, рече Ѕанакопулос на 20 март на брифингот со новинарите.
Грчкиот Парламент го сочинуваат 300 пратеници, од кои 154 се од владиното мнозинство на СИРИЗА и Независни Грци. Најчесто, доколку нема барање за зголемено мнозинство, за еден закон или одлука да се изгласаат во грчкиот Парламент се потребни 151 пратеник.
Доколку се потврдат написите во медиумите и грчкиот премиер побара 180 позитивни гласови, останува отворено прашањето дали евентуалниот договор за името, би бил изгласан од Парламентот, со оглед на тоа како во овој момент стојат работите во Грција и судејќи според јавните изјави, Независни Грци и Сојуз на централисти се против име со вклучен терминот Македонија, додека пак, Нова демократија, Река и Демократска алијанса, засега не ги отвораат картите како би гласале, но упатуваат и критики до владата за начинот на кој управува со прашањето за името.
Во меѓувреме, одговорниот за надворешна политика во грчката опозициска партија Нова демократија Јоргос Кумуцакос, по брифингот со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, за преговорите со името, изјави дека „загриженоста расте“ во нивната партија.
- По брифингот на Коѕијас со опозицијата за скопското прашање, нашите грижи се интензивираа. Нова демократија останува цврсто на потребата за едно комплетно, сеопфатно и конечно решение, кое целосно ќе одговара и на конкретните предуслови што од почеток ги поставивме и на оправданата чувствителност на Грците. Без такво решение, нема да ѝ се даде на ПЈРМ можност за било каков нејзин натамошен пристап во НАТО и ЕУ, вели надлежниот за надворешна политика во Нова демократија.
Неговата изјава беше демантирана од прес-службата на Коѕијас. Соопштението на Нова демократија не одговара на реалноста и е невистинито, беше наведено од прес-службата.
Нешто помалку од два и пол часа траела средбата на шефот на грчката дипломатија со Кумуцакос во рамки на активностите на Коѕијас да ги извести партиите за преговорите за името.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, средбата што се одржала во грчкото МНР, била затворена за медиумите, а Кумуцакос по завршувањето само кусо коментирал дека опширно разговарале.
Со средбата со Кумуцакос, заврши циклусот брифирање на грчките партии од министерот за надворешни работи.
Коѕијас, како што веќе објави МИА, во понеделникот се сретна со генералниот секретар на Комунистичката партија, Димитрис Куцубас и со лидерот на Река, Ставрос Теодоракис, во вторникот со првиот човек на Сојуз на централисти, Василис Левендис и со претседателката на Движење за промена, Фофи Генимата.
Откако претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис побара да биде избрифиран од премиерот, а не од министерот, со Никос Коѕијас се сретна одговорниот за надворешна политика во партијата.