Српскиот министер за одбрана Александар Вулин, кој се врати од Русија по разговорите со својот колега Сергеј Шојгу за набавка на четири транспортни хеликоптери Ми-17 и четири борбени Ми-35, гостувајќи на ТВ Прва потврди дека тие ќе пристигнат во Србија кон крајот на оваа или на почетокот на 2019 година.
Тој додаде, како што јавува дописникот на МИА од Белград, дека во наредните денови ќе се завршат „одредени технички детали“ како и потпишување на договор со Белорусија за набавка на нови авиони Миг-29.
Вулин во Москва за РИА Новости изјави дека Србија со Русија и со Белорусија разговара за набавка на нови авиони-ловци Миг-29, според принципот „колку е можно побрзо, толку е подобро“.
Според порталот Т6 (Tango six), Вулин во Москва разговарал и за натамошното опремување и модернизација на Миговите 29, на тенковите Т-72 и борбените пешадиски возила БМП-2, како и на одредени типови на противоздушно вооружување.
Во хронологијата на српските планови за вооружување, поранешниот министер за одбрана Зоран Ѓорѓевиќ во јануари 2017 година изјави дека Белорусија ќе и донира на Србија осум ловци МиГ -29 и два ракетни ПВО системи „Бук“, како и дека се преговара и за ПВО системот С-300 од арсеналот на белоруската војска.
Пред три месеци Александар Вулин за РТС изјави дека Белград ќе започне интензивни разговори со Русија за купување до шест повеќенаменски хеликоптери Ми-17.
Според воениот аналитичар Мирослав Лазански, Србија од Русија очекува да и бидат испорачани 30 модернизирани тенкови Т-72, 30 оклопни возила БРДМ-2, а постои голема надеж дека ќе добие и руско одобрување за набавка од Белорусија на системот за противвоздушна одбрана С-300, како и шест авиони МиГ-29.
Лазански смета дека системот С-300 најверојатно ќе се модернизира од страна на Русија, а во перспектива Белград може да се надева дека ќе добие дозвола да ги купи и системите за противоздушна одбрана Панцир и Бук М-2, што на Србија во моментот и недостига.
Минатата година во Србија од Русија пристигнаа шест „старо-нови“ авиони Миг-29, кои се уште се ремонтираат и не се во оперативна употреба.