Со Владата на Заев се отвори прозорец на можности за решение и не треба да ја изгубиме шансата, вели потпретседателот на европскиот Парламент и шеф на европратеничката група на СИРИЗА, Димитрис Пападимулис, во интервју за грчката телевизија Скај.
- Не треба да ја изгубиме можноста да го решиме овој проблем. Сега со Владата на Заев се отвори прозорец на можности. Тешкотии постојат, затоа овој проблем остана нерешен 25 години, и времето работи на товар на интересот на земјата. Во наш национален интерес е да најдеме решение на ова прашање, вели Пападимулис.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, тој одбегна да даде било какви предвидувања за новата средба на шефовите на македонската и грчката дипломатија, но ги коментираше изјавите на премиерот Заев во интервјуто за МИА.
- Вчерашните изјави на Заев покажуваат дека го подготвува јавното мислење во неговата земја за едно веројатно решение што ќе има сериозни отстапки и од нивна страна, коментира Пападимулис и додава дека во Брисел, постои „речиси едногласност во поддршката на иницијативите на Ципрас и Заев за решение на проблемот“.
Пападимулис објасни дека со затворање на проблемот Грција ќе има и економска корист, особено во северниот дел на земјата, но и ќе може да се фокусира на проблемот со Турција.
- Со решавање на прашањето со иредентизмот и името со соседите, со Скопје, ќе можеме буквално да ги пресечеме сите обиди да се зголеми турското влијание на Балканот, вели потпретседателот на европскиот Парламент и шеф на евро пратеничката група на СИРИЗА.
Во однос на дилемата дали евентуалниот договор би поминал во грчкиот Парламент, со оглед на тоа дека коалицискиот партнер во Владата, Панос Каменос, има различен став, Пападимулис потсетува дека актуелната грчка Влада има програма изгласана од Парламентот, и поддржана и од Независни Грци.
- Оценувам дека и покрај несогласувањето, Панос Каменос нема да ја турне Владата, бидејќи таа е коалициска Влада на СИРИЗА и Независни Грци, и е темелена на програма што доби доверба од грчкиот Парламент. Потсетувам дека програмата на Владата говори за сложено име, заеднички прифатено и стремеж кон решение, објаснува Пападимулис и оценува дека ако договорот е во овие рамки, тогаш ќе биде одобрен од „јасно и чисто мнозинство во Парламентот затоа што ќе го поддржат и пратеници и партии од опозицијата“.