Косовскиот министер за правда Абелард Тахири изјави дека косовскиот правосуден систем има капацитет да почне со вршење на своите должности согласно законот, без потреба од извршна мисија како што е Еулекс.

Како што објави приштинскиот весник „Епока е Ре“, Тахири тврди дека во изминатите седум месеци во Косово постои голем ангажман од областа на владеење на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал.

- Резултат на таа динамика се исполнетите обврски кои произлегуваат од европската агенда и кои влијаат на процесот за визна либерализација, смета Тахири.

Што се однесува на Специјалниот суд за воени злосторства за припадниците на ОВК, Тахири вели дека ќе се ангажира тој процес да заврши со целосна правна сигурност, со цел да се дознае „вистината за чистата војна на ОВК“.

Тој изрази уверување дека наскоро, кога работните групи ќе завршат со изработката на Статутот на Заедницата на српски општини, и Српска листа ќе има позитивно мислење.

- Статутот ќе биде во целост во согласност со одредбите на косовскиот Устав, наведе Тахири.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/04/2018 12:05