Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за оружјето, кој е означен со европско знаме помина денеска во прво читање во собраниската Комисија за одбрана и безбедност.
Со законот, како што појасни министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се уредуваат условите за набавување, поседување, носење, чување, производство, поправање, онеспособување (деактивирање), промет, превоз и пренесување преку државната граница на оружје и муниција.
Одредбите на овој закон не се применуваат на вооружувањето и воената опрема, како и на оружјето и муницијата наменети за потребите на Министерството за одбрана, Армијата на Република Македонија, Министерството за внатрешни работи, казнено-поправните установи и другите државни органи и правни лица утврдени со посебни прописи.
Спасовски појасни дека измените се изработени по консултации со Комората за приватно обезбедување, Стопанската комора на Македонија - Групација за оружје, експлозивни и опасни материи, пиротехнички средства и опрема за воена и цивилна намена, Ловечка федерација на Македонија и Македонска спортска стрелачка федерација.
Целта на измените е подобрување на правната рамка за постапување со граѓанското оружје.
Определени точки на изменување на Законот се однесуваат на преквалификација на определени видови оружје, ограничување на правото на набавување на кусо и долго огнено оружје со жлебени цевки за лица помлади од 25 години под определени услови, продолжување на рокот за заменување на дозволите за поседување и носење на оружје и дозволите за поседување на оружје.
- Имавме состојба во која требаше да бидат обновени дозволите за оружје. Рокот неколку пати беше продолжуван и иако навремено беа информирани и се водеше голема кампања за тоа, сметам дека голем дел од граѓаните не извршија замена на дозволите за поседување оружје, рече Спасовски.
Додаде дека со законскиот текст се продолжува рокот и упати апел до граѓаните да постапат одговорно во однос на продолжување на дозволите.
Измените се однесуваат и на повторно воведување на легализација на оружјето од Б, Ц и Д категорија, кое се поседува без соодветна важечка исправа издадена согласно одредбите на стариот Закон за набавување, поседување и носење на оружје и Законот за оружјето.
Со измените се врши и усогласување со европското законодавство.