Еврокомесарката за дигитална економија Марија Габриел, во ексклузивно интервју за МИА, што утре ќе го објавиме, говори за нејзините очекувања од претстојниот дигитален самит во Скопје, како напредуваат преговорите за поевтин роаминг на Балканот, и за европската перспектива на регионот.

Во пресрет на првиот дигитален самит што треба да се одржи во Скопје на 18 и 19 април, и на кој ќе учествува еврокомесарката Габриел, таа за нашата агенција објаснува дека Европската Комисија (ЕК) очекува од земјите да излезат со конкретни проекти во оваа област, за да може потоа да се одреди колкава сума ќе им биде потребна да ги реализираат истите.

- За да можеме да издвоиме сума, треба да имаме проекти, проекти што ќе донесат нешто, затоа е ова е важна прилика, да ги слушнеме потребите за време на овој самит. Кои се проектите што ќе донесат бенефити на краток и на долг рок. Мислам дека не е корисно сега да кажеме ‘толку пари има’, и да мислиме само тоа да го развиеме. Она што е важно е да има проекти и потоа да видиме дали тоа соодветстува со средствата кои се нарасполагање во европскиот буџет, вели Габриел.

Марија Габриел, која на комесарското столче седна пред помалку од една година, вели дека дигиталната агенда е од посебна важност за земјите од регионот затоа што ќе овозможи забрзување на евроинтегративниот процес.

-Зборуваме сите за реформи во судството, за правната држава. Транспарентноста може многу полесно да се постигне преку дигитализацијата. На пример, вклучително и во ЕУ, го финализираме законодавството за елекстронски докази. Ова е нешто што може да му помогне на судството да располага со база на податоци и некои етапи во процесот на одлучување можат значително да се забрзаат. Дигитализацијата може да помогне да се забрза и економскиот развој, бидејќи потребни се реформи на пазарната економија. За тоа е потребно да се поддржат претпријатијата.

Еден од главните конкретни проекти на комесарката Габриел за регионот е намалување на цените на роамингот со земјите од Европската Унија, проект на кој таа вели дека работи од првиот ден, но кој е “комплексен и деликатен“ од правен и од економски аспект. Преговорите со телеком операторите во регионот продолжуваат, а Габриел се надева дека на Самитот на ЕУ во Софија на 17 мај ќе може да се презентира конкретен патоказ за реализирање на овој проект.

Запрашана дали дигитализацијата, роамингот и прашањата од областа на конективноста за регионот не се начин да се маскира недостатокот на политички напредок во процесот на проширување, Габриел вели дека Западниот Балкан зазема многу високо место на агендата на Европската Унија, нешто што, вели таа, било незамисливо до сега. Но, додава таа, и самите земји во регионот покажуваат “мудрост“ и не бараат забрзан процес.

- Тоа е тоа што го чувствуваме од земјите во регионот, една мудрост, дека не вреди да се брза, дека подобро е процесот да се случи чекор по чекор за потоа да има навистина чувство дека таа европска интеграција се должи на напорите на земјата, и не е нешто наметното, никој друг не го наметнал ритамот. Таа порака е многу јасно примена кога ги гледаме земјите од регионот, гледаме дека има јасно освестување. Не заборавајте дека е подобро да сте целосно земја членка колку и за тоа да е потребно време отколку да имате ситуација како онаа на Бугарија и Романија со механизам на верификација и соработка што понекогаш дава впечаток дека станува збор за друга категорија на европски граѓани и држави. Тоа се лекции кои ги извлековме.

Габриел во интервјуто се осврна и на последниот скандал со Фејсбук и украдените лични податоци и како новиот европски закон може да спречи слични злоупотреби во иднина.

Целосното интервју со Марија Габриел ќе биде објавено утре.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/04/2018 18:42