Бескорисно е да се очекува и најмала грижа на совест од страна на Воислав Шешељ по изнесената пресуда на Апелацискиот судски совет за неговата улога во војните во поранешна Југославија.

- Една „Голема Србија“ на Балканот останува актуелна идеа, вели српскиот екстремен националист за АФП.

Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија во 2016 година го ослободи Шешељ, чии говори го поттикнуваа српскиот национализам за време на крвавите конфликти во 90-тите години на минатиот век. Тие војни ги однесоа животите на 140.000 лица.

Обвиниелството ја обжали таквата пресуда, која според обвинителот Серж Брамерц, имала „обемни грешки“. Според него, Шешељ „пропагирал политика која имала за цел обединување на сите српски територии во една хомогена српска држава, која тој ја нарекуваше Голема Србија“.

По ослободувањето Шешељ одново беше избран за пратеник во српскиот Парламент. Но, 63-годишниот пратеник не гледа никаква причина за жалење. - Таа идеја е актуелна. Ние никогаш нема да се откажеме од идејата за Голема Србија, изјави крупниот маж, кој не замина во Хаг за да ја чуе пресудата на Апелацискиот совет.

Политичката платформа на неговата екстремно десничарска Српска радикална партија останува иста во заложбите за „обединување во една држава на сите територии на кои живее српскиот народ, кој денес е поделен според желбата на големите сили, традиционални непријатели на Србија“.

- Босанците и Хрватите сега навистина се против таквата програма. Ние треба постојано да ги убедуваме дека тие се Срби. На крајот ќе успееме во тоа, бидејќи сите докази се на наша страна, вели тој. - Од телото на српскиот народ вештачки се создадоа нови нации. Две третини од денешните Хрвати се поранешни Срби, кои исповедаат католицизам. Хрватите и денес говорат српски јазик, додава Шешељ.

Што се однесува до Бошњаците, според него, тоа се етнички Срби кои преминале во Ислам за време на отоманското ропство.

Шешељ смета дека приклучувањето на Република Српска кон Србија е само прашање на време, бидејќи „тоа е желба на српскиот народ кој живее таму“.

Што се однесува до Косово, кое прогласи независност од Србија во 2008 година, според Шешељ, тоа е „целосно српско“. - Ниту една српска власт не може да го признае Косово, бидејќи за тоа би платила со сопствената глава, смета Шешељ.

Запрашан дали жали за убените, посебно за тие во Сребреница, каде за само неколку дена српските сили во јули 1995 година убија 8.000 бошњачки мажи и момчиња - злосторство што меѓународното правосудство го оквалификува како геноцид, Шешељ одговара: „Имало злосторство, но не и геноцид“.

- Српските власти не се одговорни за тоа. Злосторството е извршено од еден човек - полковникот Љубиша Беара, кој почина во затвор во 2017 година, вели Шешељ.

Според Шешељ, овој српски офицер „дејствувал по наредба од странство“, имајќи предвид дека тогашниот американскиот претседател Бил Клинтон „се обидувал да го убеди“ лидерот на босанските муслимани Алија Изедбеговиќ „да ги остави Србите да влезат во Сребреница, да убијат таму пет илјади муслимани, и да се предзивика повод за почеток на бомбардирањата“ на НАТО, што доведе до пораз на силите на командантот на босанските Срби, Ратко Младиќ.

Српскиот народ во Младиќ гледа херој иако во ноември тој беше осуден на доживотен затвор токму поради Сребреница.

Шешељ негира дека кажал две работи за кои се товари во обвинението. Едната е дека ги повикал Србите „да не штедат никото“ за време на опсадата на хрватскиот град Вуковар во 1991 година. а втората е дека ги оквалификувал муслиманите како „измет“ една година подоцна при обраќање во српскиот град Мали Зворник.

- Тоа се лаги, вели тој.

Шешељ единствено жали што не дошол „на власт на време“. По тешкиот пораз на локалните избори во Белград во март оваа година тој по се изгледа се наоѓа на залезот на неговата политичка кариера.

- Потсетете се на Наполеон и на неговото заточеништво на островот Елба. При враќањето тој беше без армија, но колку повеќе се доближуваше до Париз, толку повеќе се зголемуваше и неговата армија. Затоа е многу важно да се биде добар генерал, вели Шешељ.

- Му благодарам на Бога што здравјето ми е добро. Го победив ракот и срцето ми е во добра состојба, додава Шешељ, кој беше пуштен од Шевенинген во 2014 година затоа што беше болен, откако помина повеќе од десет години во затвор.

Дали е вознемирен од помислата дека можеби никогаш повеќе нема да го види роднито град Сараево? - Од каде знаете? Сараево повторно ќе биде српски град, посочува Шешељ.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/04/2018 09:32