Тимот на Вардар в сабота за последен пат во овој состав ќе истрча во „Јане Сандански“ на реванш четвртфиналниот дуел од Лигата на шампионите за ракометарки против Митјиланд.

На збогувањето полна сала посакува капитенот на вардарки Јованка Радичевиќ.

- Дојдовме до самиот крај. Во „Јане Сандански го играме последниот натпревар заедно. Мислам дека заслужуваме полна сала и ги повикувам нашите навивачи да дојдат во што поголем број. Многу ни е тешко но ќе најдеме сили емоциите да ги надминеме. Победивме на првиот натпревар, но не покажавме тоа што можеме. Мораме да ги поправиме грешките од Данска. Верувам во тимот и верувам дека ќе се пласираме на Ф4 во Будимпешта, изјави Радичевиќ со солзи во очите на денешната прес-конференција.

Тренерот Ирина Дибирова рече дека во никој случај не го потцениле противникот.

- Правиме анализа по првиот меч. Ги увидовме грешките и се надевам дека на реваншот ќе ја покажеме нашата сили и ќе се претставиме како што очекувате. Здравствениот билтен е добар и се надевам на победа, нагласи Дибирова.

Натпреварот Вардар – Митјиланд се игра в сабота со почеток во 17 часот. Вардар стартува со гол предност од првиот меч во Данска, па и нерешен резултат му е доволен за пласман на завршниот турнир.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/04/2018 11:01