Жителите на Црна Гора со право на глас в недела ќе избираат нов претседател, кој ќе треба да го наследи актуелниот шеф на државата Филип Вујановиќ, кој веќе 15 години се наоѓа на таа позиција.
Во трка за претседателската функција се седуммина кандидати, но најсериозни претенденти за местото нов претседател на Црна Гора се лидерот на владејачката Демократска партија на социјалистите (ДПС), Мило Ѓукановиќ и независниот кандидат Младен Бојаниќ, кој ја има поддршката на поголемиот дел од опозициските партии.
Анкетите на јавното мислење покажуваат дека в недела Ѓукановиќ ќе освои околу 50 проценти од гласовите, додека Бојаниќ, чија кандидатура ја поддржаа Демократскиот фронт (ДФ), Демократска Црна Гора (ДЦГ), Социјалистичката народна партија (СНП), Обедиената реформска акција (УРА) и Обединета Црна Гора (УЦГ), може да очекува околу 35 отсто поддршка.
Од останатите кандидати, единствената жена во трката Драгиња Вуксановиќ од Социјалдемократската партија (СДП) ужива поддршка на околу осум проценти од гласчите, Марко Милачиќ од партијата Вистинска Црна Гора (ПЦГ) може да се надева на околу три отсто, а тројцата останти кандидати заедно - Хазбија Калач од Партијата на правдата и помирувањето (СПП), Добрило Дедеиќ од Српската листа (СЛ) и независниот кандидат поддржан од Партијата на обединетите пензионери и инвалиди (ПУПИ), Василије Миличковиќ - имаат поддршка на околу три проценти од избирачите.
Ѓукановиќ, кој по парламентарните избори во октомври 2016 година, најави повлекување од активната политика, сепак реши да се врати од „политичката пензија“ и да се кандидира на овие избори. Тој е политичарот со најдолг политички стаж и важи за ветеран меѓу балканските политичари - во изминативе 29 години е на некоја од клучните позиции во државата - претседател, премиер или лидер на ДПС, која сама или во коалиција со други партии е на власт во Црна Гора од 1990 година.
Претставници на партијата сметаат дека Ѓукановиќ ќе победи уште во првиот круг и дека уште в недела Црна Гора ќе добие нов претседател. Во прилог на ваквиот нивни оптимизма оди фактот што опозицијата ниту на овие избори не успеа целосно да се обедини и да настапи со заеднички кандидат.
Аналитичарите проценуваат дека Ѓукановиќ има многу поголеми шанси да стане шеф на државата в недела, отколку ако се оди на втор круг. Тие сметат дека ако во првиот круг не успее да ги освои неопходните над 50 проценти од гласовите, тогаш во вториот круг ќе се најде сам против сите и не е исклучено да дојде до хомогенизација на гласачите на опозицијата, при што тој би можел да биде поразен од некој од опозициските кандидати, најверојатно Бојаниќ.
Зад кандидатурата на Ѓукановиќ, покрај неговата ДПС застанаа и помалите партии од владината коалиција - Либералната партија (ЛП), Социјалдемократите (СД), Хрватската граѓанска иницијатива (ХГИ), Новата демократска сила (ФОРЦА), Демократската унија на Албанците (ДУА) и Бошњачката партија (БС), но тој во предизборната кампања повеќепати апелираше до поддржувачите на СДП, која 17 години беше коалициски партнер на ДПС, да гласаат за него, наместо за Вуксановиќ со цел „да не расфрлаат гласовите“.
Но, и Вуксановиќ не му остана должна на Ѓукановиќ, обвинувајќи го за „економско пропаѓање на Црна Гора, промашена приватизација, за распродажба на државниот имот и за поттикнување на криминалот и корупцијата“.
Многумина независни аналитичари проценуваат дека токму Вуксановиќ имала „најквалитетна изборна кампања“, но како нејзин „хендикеп“ го посочуваат фактот што доаѓа од партија која ја има хипотеката на долгогодишен коалициски партнер на ДПС и која учествувала или ги одобрувала одлуките за кои сега го обвинува Ѓукановиќ.
Главниот противкандидат на Ѓукановиќ, Бојаниќ водеше кампања при која на неговите митинзи и собири речиси и да не се појавија лидерите на партиите што ја поддржуваат неговата кандидатура, при што тој инсистираше на истакнување на неговата независност. Меѓутоа, повеќето аналитичари наведуваат дека и покрај ваквиот пристап, кампањата на Бојаниќ била „млака и неубедлива“, па некои дури изразија сомнеж дали тој бил „вистинскиот човек“ за заеднички опозициски претседателски кандидат.
Опозицијата се обидува да ги привлече гласачите порачувајќи дека овие избори се од клучно значење, бидејќи на нив не се гласа „само против Ѓукановиќ, туку и порив целиот систем изграден во последните три децении“.
Самата изборна кампања мина мирно и без поголема еуфорија, проследена со ветувања до гласачите и со размена на критики меѓу претседателските кандидати.
Политичкиот аналитичар Сергеј Секуловиќ оценува дека кампањата минала без „тешки зборови и испади“ и без преголем притисок и еуфорија, како што беше случај на сите досегашни избори.
Според него, евентуалната помала излезност на гласачите би била во полза на Ѓукановиќ и би му овозможила победа уште во првиот круг.
- Излезност од 60 до 65 отсто би била поволна за кандидатот на ДПС, односно за Ѓукановиќ, бидејќи тогаш тој би можел да победи благодарение на изборната машинерија, потпомогната од малцинските партии. Излезност од 70 отсто, би ги зголемиле шансите за втор круг, додава Секуловиќ.
Историчарот Живко Андријашевиќ пак смета дека на Црна Гора и е потребно да има претседател кој ќе биде државник, „човек кој знае како се прави држава и како треба да се бори за нејзините интереси“.