Алтман: Меркел ќе го охрабри Вучиќ сериозно да продолжи со бриселските преговори. - Јањиќ: Вучиќ во голема мерка го потроши „капиталот“ кај Германците

Данас - Белград

Новата средба на српскиот претседател Александар Вучиќ и германската канцеларка Ангела Меркел предвидена за денеска, треба да се толкува како зајакнување на притисокот на Берлин врз Белград за што е можно побрзо да биде постигнат договор за нормализација на односите со Приштина, оценуваат за „Данас“ претставници на дипломатските кругови и експерти за регионални прашања од Србија и Германија.

Берлин ќе продолжи да врши притисок врз Белград во врска со косовското прашање и можно е Меркел да го потсети Вучиќ на некои неисполнети ветувања. Од друга страна се добива впечаток дека Вучиќ не е подготвен за нови отстапки, тврдат соговорниците на весникот.

Професорот по меѓународни односи од Универзитетот во Букурешт, Франц-Лотар Алтман за „Данас“ вели дека не очекува „госпоѓа Меркел да му каже нешто ново на господин Вучиќ, но повторно ќе му објасни дека Германија нема да поддржи членство на Србија во ЕУ доколу на крајот на преговорите меѓу Белград и Приштина не биде постигнат одржлив договор за формалниот статус на Косово“.

- Тоа значи дека Меркел ќе го охрабри Вучиќ сериозно да продолжи со бриселските преговори и ќе му пренесе да ги убеди претставниците на властите во Белград да не зборуваат и да не се однесуваат на начин што би го загрозил процесот на нормализација на односите меѓу Белград и Приштина. Во исто време Меркел одново ќе ја потврди посветеноста на Германија на перспективата на Западниот Балкан за членство во ЕУ, со посебен нагласок на Србија. Таа веројатно ќе го спомене и претстојниот Самит за Западен Балкан што ќе се одржи во Софија, на кој Приштина мора да биде прифатена како учесник со полн капацитет, смета Алтман.

Според претседателот на Форумот за етнички односи, Душан Јањиќ средбата во Берлин ќе биде „многу корисна пред се, за самиот Вучиќ, а се надевам и за Србија“.

- Ова е критичен момент бидејќи ситуацијата во голема мерка е поинаква од онаа во јули минатата година кога Вучиќ го иницираше внатрешниот дијалог за Косово. Белград се оддалечи од концептот за целосна нормализација на односите со Приштина, кои некои го нарекуваат и „модел на две Германии“ на што посебно инсистира Берлин. Најновите изјави на претставниците на српските власти, вклучувајќи го и шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ, па и на самиот Вучиќ, покажуваат дека постои голем расчекор во однос на политиката на Берлин. Втора тема која несомнено ќе биде споменета на состанокот Вучиќ-Меркел е и безбедноста, бидејќи првпат по две децении се спомнува можноста за војна во Косово. што е неприфатливо за Германија. Значи тоа ќе биде можност Вучиќ и Меркел да поразговараат сериозно. Иако Вучиќ има значителен капитал на добри лични и партиски односи со Меркел, тој капитал во голема мерка е потрошен во последно време и очекувам по сребата српскиот претседател да се врати на политиката на мали чекори во нормализација на односите со Приштина, истакнува Јањиќ за „Данас“.

Да потсетиме, како што претходно пишуваше „Данас“, Берлин се залага за членство на Косово во ОН со статус на набљудувач, на што Белград остро се спротиставува.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/04/2018 22:38