Кошаркарите на Торонто стартуваа со победа во плејоф серија на НБА за прв пат по скоро 17 години.
Репторс, кои се бр. 1 на Исток, победија со 114:106 против Вашингтон и поведоа со 1-0 во победи. Така, Канаѓаните ја скршија својата серија од 10 последователни порази во првите средби во елиминациските серии.
- Веќе тоа не претставува проблем. Размислуваме за следниот натпревар, изјави Демар Дерозан, кој заврши со 17 поени за победниците. Серж Ибака беше најефикасен со 23, а Делон Рајт постигна 11 од своите 18 во последната четвртина. Торонто постигна 16 тројки, откако солидна разлика направи во последната четвртина од мечот, за да стигне до триумфот.
Во исто време Филаделфија го победи Мајами со 130:103 по 28 поени на Џеј Џеј Редик и 25 на Марко Белинели. Двајцата постигнаа по 4 тројки, а тимот на Сиксерс нанижа вкупно 18, за да стигнат до триумф.
На Запад, Њу Орлеанс го победи Портланд како гостин со 97:95. Ентони Дејвис постигна 35 поени, а Пеликанс потрошија 19 поени предност во третиот дел, но издржаа на притисокот, откако на крајот разликата падна само на поен. Силната дефанзивна игра помогна на Њу Орлеанс, при што Дру Холидеј имаше клучна улога.
За Портланд, Демијан Лилард и Си Џеј МекКалум беа ограничени до вкупно 3 поени на полувремето и иако потоа се подобрија, некои лоши одлуки во последната минута ги уништија шансите на „пионерите“ кои погодија само 12 од 39 шута од тројка и вкупно едвај 38 отсто при шут од игра.